Gemini добива можност за увоз на историја на разговори од други AI чeтботови

 


Google воведува алатка што го олеснува преминот од ChatGPT, Claude и други AI чатботови, со задржување на корисничките преференции, контекстот и историјата на разговори.

Google ја претстави новата функционалност за својот AI чатбот Gemini, која треба значително да им го олесни преминот на корисниците од други AI чатботови. Станува збор за алатка наречена Import Memory, која овозможува увоз на историја на разговори од конкурентски чатботови како ChatGPT или Claude.

Корисниците кои досега менувале AI чатбот мораа практично „да почнат од нула“, бидејќи нивната претходна комуникација и преференции не беа преносливи. Новата алатка го менува тоа, овозможувајќи пренос на контекст и претходни интеракции, со што Gemini може да генерира поперсонализирани одговори уште од самиот почеток на користењето.

 „За да ги пренесете вашите податоци од други AI апликации во Gemini, доволно е да отидете во поставките и да ја изберете новата опција за увоз. Ќе добиете предложен prompt што треба да го копирате и залепите во AI апликацијата што моментално ја користите. Откако таа апликација ќе генерира резиме на вашите преференции, едноставно копирајте го одговорот и залепете го назад во Gemini. Gemini веднаш ќе ги анализира информациите и безбедно ќе ги зачува во својот контекст, подготвени за користење во вашиот следен разговор“, наведува Google во соопштението.

Алтернативно, корисниците можат да ја експортираат историјата на разговори од други чатботови и да ја прикачат во Gemini во форма на ZIP датотека, со поддршка за датотеки до 5 GB. Сепак, Google напоменува дека алатката не поддржува увоз на проектни датотеки ниту други прилози, што за некои корисници може да биде значајно ограничување.